Македонија Ревизорите бараат учесниците на изборите до 4 ноември да достават извештај за...

Ревизорите бараат учесниците на изборите до 4 ноември да достават извештај за трошоците во кампањата

Локални избори 2021, Скопје, 31.10.2021 | Фото: Мета.мк

На веб-страницата на Државниот завод за ревизија (ДЗР) засега се објавени само седум извештаи, а до ревизорите најдоцна до 4 ноември сите учесници во изборната кампања треба да достават Извештај со спецификација на трошоците за приходите и расходите на трансакциската сметка за изборната кампања.

Овој извештај до ревизорите треба да го покрие периодот од денот на отворањето на трансакциската сметка до завршувањето на првиот изборен круг. Од ДЗР ги предупредуваат политичките партии, коалиции и независни листи, дека  согласно член 177-а став 4 од Изборниот законик, Државниот завод за ревизија има надлежност да достави предлог до Државната изборна комисија (ДИК) за донесување на Одлука за забрана (суспензија) на исплатата на надоместокот на трошоците за финансирање на изборната кампања за локалните избори за 2021 година кои се исплаќаат од државниот буџет.

Ваквата драстична мерка би се донела за оние учесници во изборната кампања кои нема да ги испочитуваат одредбите од член 84-б став 1 од Изборниот законик, односно нема да ги достават горенаведениот извештај во пропишаниот рок и содржина до ДЗР.

„Исто така, согласно одредбите од член 189 став 4 од наведениот закон пропишана е Глоба во износ од 9.000 евра во денарска противвредност која ќе им се изрече за прекршок на политичка партија, коалиција односно независен кандидат ако не поднесат извештај за финансирање на изборната кампања во предвидениот рок од членот 84-б од Изборниот законик“, се наведува во соопштението на Државниот завод за ревизија.