Македонија Ревизија за автопатот Кичево-Охрид, како и препроектирање на 11 нови свлечишта

Ревизија за автопатот Кичево-Охрид, како и препроектирање на 11 нови свлечишта

Од Министерството за транспорт и врски велат дека појавени се единаесет нови свлечишта на трасата и поради тоа ќе се ангажираат меѓународни експерти кои ќе дадат предлог проектански решенија и мислење за целокупниот проект

Фото: Архива на Мета.мк

Откако премиерот Димитар Ковачевски минатата недела најави, Министерството за транспорт и врски денеска потврди дека ќе се изврши ревизија во однос на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, но и дека ќе се бара чаре за решавање на проблемот со 11 нови свлечишта кои се имаат појавено долж целата траса и кои ќе треба допрва да се санираат.

„Во овој момент, во тек е ревизија од Државниот завод за ревизија во Јавното претпријатие за државни патишта во однос на финансиските извештаи и усогласеност како и ревизија за успешност на капиталните инвестиции. Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта, преку Надзорниот орган ангажира експерт за Фидик договори преку кој треба да се обезбеди анализа на договорот како и решенија за сите идни чекори на Владата за реализација на проектот за изградба на автопатската делница Кичево – Охрид“, информираат од Министерството за транспорт и врски.

Од таму додаваат дека ревизијата е неопходна од причина што рокот за реализација на овој инфраструктурен проект завршува на 31 декември оваа година, а до тогаш Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта преку Владата ќе донесат одлука со најсоодветното решение за дореализација на овој проект.

Од Министерството за транспорт и врски велат дека појавени се единаесет нови свлечишта на трасата и поради тоа ќе се ангажираат меѓународни експерти кои ќе дадат предлог проектантски решенија и мислење за целокупниот проект.

Реализацијата на овој проект е од стратешко значење за Република Северна Македонија, истиот е дел од Коридор 8 како главен европски коридор. Приоритет на Владата на Северна Македонија е завршување на овој проект и во таа насока ќе се преземат сите активности за негова реализација.

Премиерот Ковачевски минатата недела изјави дека е недозволиво пратениците уште еднаш да разговараат за продолжување на рокот за изведба на автопатот Кичево-Охрид. Тој најави дека се размислува за раскинување на договорот со кинеската компанија „Синохидро“.

„Сметам дека би требало да се размислува и во насока на раскинување на овој договор и барање изведувач што ќе го направи на квалитетен начин“, изјави Ковачевски.

Ковачевски: Можно е раскинување на договорот со „Синохидро“ за автопатот Кичево-Охрид

Инаку, кинеската компанија „Синохидро“ има рок за завршување на автопатот Кичево-Охрид до 31 декември годинава. Последниот анекс за продолжување на рокот на изградбата на овој автопат беше усвоен во август 2021 година, кога владата и Собранието на оваа компанија им дадоа дополнителни месеци за неговото завршување. Првичниот рок за завршување на оваа автопатска делница беше 2018 година.