Главна секција Рекордни 107 новозаразени лица и рекордни 23 оздравени пациенти во еден ден

Рекордни 107 новозаразени лица и рекордни 23 оздравени пациенти во еден ден

Министерството за здравство информира дека на Клиниката за инфективни и фебрилни состојби почина пациент од струшко на возраст од 50 години кој беше хоспитализиран на 27 март, а само еден ден подоцна заради влошување на состојбата поставен на механичка вентилација.

Од Клиниката се испишани пет оздравени пациенти, а денеска се регистрирани и други 18 оздравени пациенти кои се лекуваа во домашни услови, а кои по два контролни теста се негативни на коронавирусот.

Во изминатите 24 часа се потврдени 107 нови случаи на Ковид-19.

Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во нашата земја изнесува 1.081.

Во изминатото деноноќие направени се 660 теста. Досега во земјата се направени вкупно 10.422 тестирања на Ковид -19.

На Инфективната клиника во Скопје примени се 11 нови пациенти, а во моментов се хоспитализирани 62 пациенти. 18 пациенти се со потешка клиничка слика и на кислородна поддршка, а 5 пациенти се на механичка вентилација.

Во ГОБ „8 Септември“ примени се 11 нови пациенти и во моментов во оваа болница се лекуваат 38 пациенти со ковид-19. Во потешка состојба се осум пациенти, а на респираторна машина шест.

Во Битола се хоспитализирани вкупно осум пациенти од кои двајца се повремено на кислородна поддршка, а на домашно лекување се следат уште осум пациенти.

Во болницата во Штип се лекуваат осум пациенти, а се следат уште 18 во домашни услови.