Свет Европа Расте учеството на „зелената“ енергија, производството од ОИЕ достигна 40 отсто

Расте учеството на „зелената“ енергија, производството од ОИЕ достигна 40 отсто

Фото: Zbynek Burival на Unsplash

Здружението на европските електростопанства „Еуроелектрик“, во новиот
Енергетски барометар констатира дека енергетскиот сектор успешно се приближува кон декарбонизација. Се заклучува дека емисиите од јаглероден двооксид во овој сектор се намалуваат со голема брзина, побргу од очекувањата, а уделот на обновливите извори на енергија, успешно се зголемува, пишува регионалниот деловен портал „Сибиз“.

Во првата половна од годинава, две третини од производството на електрична енергија се добиени од извори со ниско учество на јаглерод, а во текот на минатата година „зеленото производство“ се зголемило за 10 отсто.

Во првата половина од оваа година обновливите извори на енергија (ОИЕ) во енергетскиот микс учествуваат со 40 отсто, а делот на јагленот во производството е понизок за 18 отсто. Се потенцира дека во 2010 година обновливите извори на енергија зафаќале само 20 отсто во енергетскиот микс во производството на електрична енергија, додека лани достигнаа 34 отсто, односно, просечно, 40 отсто во првата половина од 2020 година.

Доколку продолжат овие трендови и се исполнат одредени услови, тоа би значело дека до 2030 година учеството на изворите со ниска емисија во производството на електрична енергија би можело да достигне и до 80 отсто. Учеството на нуклеарното производство кое во првата половна од годинава беше 26 отсто во вкупното, ќе падне на 21 отсто, а учеството на ОИЕ би можело да достигне 60 отсто.

Според проценките, за да се постигне целта од 60 отсто во 2030 година, моменталниот капацитет на електраните на ветер би требало да биде двојно зголемен, а на соларните електрани за 2,9 пати.

Епидемијата со корона вирусот ги забави проектите за изградба на нови вакви електрани, констатира „Еуроелектрик“, и нагласува дека со законски измени би требало да се дестимулира растот на увозот на евтина струја од трети земји, произведена од фосилни горива, кој се зголеми од 3 теравати на над 20 теравати годишно во последните 5 години. При тоа, во тие земји емисиите на штетни гасови од ова производство се поголеми за два до три пати, во споредба со земјите на ЕУ.