Македонија Раното откривање и редовните прегледи се основните чекори во борбата против ракот...

Раното откривање и редовните прегледи се основните чекори во борбата против ракот на дојка

Со презентирање на новата иновативна терапија составена од биолошките лекови, од неодамна присутни и во Македонија и под мотото „Има живот и после ракот, научи како да го живееш” се одржа 12 – тата годишна Национална конференција за рак на дојка. И оваа година, од говорниците беше испратена силна порака до сите жени дека превенцијата, раното откривање и редовните прегледи е основниот и првиот чекор во борбата против ракот на дојка, информираат од Здружението „БОРКА – за секој нов ден“.

Иновативната терапија во форма на биолошките лекови што од неодамна се достапни и за пациентите во Македонија, ги претставуваат европските и светските тенденции во онколошкиот третман, истакна министерот за здравство, Венко Филипче.

– Со централизирана набавка се обезбедени над 30 молекули скапа биолошка терапија која не е на позитивната листа на лекови, за да им биде достапна на пациентите во болниците. Достапноста на иновативната терапија значи можност пациентот навремено да добие соодветна дијагноза, третман и грижа за своето заболување – истакна министерот за здравство, Венко Филипче.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев појасни дека лани биле реализирани 986 болнички третмани на пациенти со дијагноза карцином на дојка. Годинава на Клиниката за торако-васкуларна хирургија и на Клиниката за пластична хирургија се планирани преку 4 милиони денари за вградување импланти и реконструкција на дојка по мастектомија или вродени аномалии на дојка за 52 пациенти.

Биба Додева, претседателка на Здружението за борба против рак на дојка „БОРКА – за секој нов ден“, појасни дека во изминативе 12 години активно се борат за остварување на правата на пациентите во здравствениот систем. Како полноправен член на најголемата европска асоцијација Еуропа Дона (Еуропа Дона Македонија), тие веќе 12 – та година ја организираат Националната конференција за борба против ракот на дојка во Македонија, а со тоа и Македонија е дел од глобалната светска акција.

Согласно податоците од Светската здравствена организација, ракот на дојка е најфреквентен тип на рак кај жените во светот. Проценката е дека во Македонија, според истражувачката агенција Глобокан, во 2019 година ќе има околу 1.200 ново дијагностицирани случаи годишно, од кои околу 850 само во државните клиники. Тоа значи дека секој ден во нашата држава ќе се дијагностицираат по 3 до 4 жени од овој малигном.