Македонија Рано е да се каже дали грипот и студот ќе го продолжат...

Рано е да се каже дали грипот и студот ќе го продолжат зимскиот распуст

Сè уште е рано е да се размислува за тоа дали зимскиот распуст за учениците, кој трае до 18 јануари, ќе биде продолжен поради состојбата со грипот, велат неофицијално од Министерството за образование и наука (МОН).

Официјален одговор на прашањето на „Мета“ дали поради грипот се размислува распустот за учениците да биде продолжен, сè уште не сме добиле.

Оваа мерка за спречување на ширењето на грипот ја презедоа некои соседни држави.

Министерството за здравство на Албанија вчера предупреди дека се „создаваат поволни услови за понатамошно ширење на вирусниот грип“ и наложи цела недела да бидат затворени градинките, основните и средните училишта, иако требаше да почнат да работат денеска.

Комисијата за заразни болести при Институтот за јавно здравје на Македонија на седницата одржана на 27 декември, препорача да се изврши темелна дезинфекција на сите детски градинки и училишта, како и континуирано да се одржува зголемено ниво на хигиена и почесто да се проветруваат просториите.

Според податоците на Институтот за јавно здравје, во последната недела на декември биле заболени 4.195 лица од грип, а минатата година во истото време овој број изнесувал 109 лица, што значи бројот на заболени е 40 пати поголем.