Македонија Раат од аерозагадувањето: следат денови со дожд, снег и студено време

Раат од аерозагадувањето: следат денови со дожд, снег и студено време

Утре кон крајот на денот и во текот на ноќта врнежите ќе преминат во снег и во делови од скопската котлина

Фото: Архива на Мета.мк

Македонските граѓани барем малку ќе можат да здивнат од енормното загадување на воздухот коешто го дишеа изминатиов период. Според временската прогноза на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), денеска и утре времето во земјава ќе биде врнежливо и ќе дува најпрво југоисточен, а потоа и северен ветер.

Денеска низ целата земја ќе биде облачно со врнежи од дожд, кои ќе продолжат и во текот на утрешниот ден. Утре ќе настапи спуштање на постудена воздушна маса од север, која ќе доведе на планините и повисоките места во северните делови врнежите од дожд да преминат во снег. Утре кон крајот на денот и во текот на ноќта врнежите ќе преминат во снег и во делови од скопската котлина.

Веќе од вторник, 9 јануари, во земјава ќе преовладува сончево време со слаб до умерен северен ветер и многу пониски температури на воздухот. Утринските температури насекаде ќе се спуштат под нулата, додека максималните дневни температури нема да надминуваат 6 до 8 целзиусови степени ниту на југот од земјава. И во Скопје ќе следи период на поладно време, со максимални температури на воздухот од околу 0 Целзиусови степени.