Свет Европа Пучдемон: Нема гаранции за одржување на парламентарни избори

Пучдемон: Нема гаранции за одржување на парламентарни избори

Каталонскиот лидер, Карлес Пучдемон, денеска ја отфрли можноста за распишување на парламентарни избори бидејќи, како што појасни, не постојат гаранции за нивно одржување.

Пучдемон денеска рече дека размислувал да побара предвремени избори, но не ја донел таквата одлука затоа што не добил доволно гаранции дека владините „навредливи“ потези за преземање контрола врз Каталонија ќе бидат суспендирани.

– Ништо не го оправдува распишувањето на парламентарните избори сега – изјави Пучдемон, кој требаше да се обрати во каталонскиот парламент во 13.30 часот, но говорот најпрво беше одложен за еден час, а потоа и откажан.

Каталонскиот лидер, сепак ѝ се обрати на јавноста во 17 часот и порача дека нема да распише избори. Тој додаде дека никој не може да го обвини дека не бил за дијалог со шпанската влада. Денеска се очекуваше дека тој ќе распише избори за да се намалат тензиите со Мадрид.