Подглавна секција Прво лансирање астронаути во САД по 9 години – во приватна капсула...

Прво лансирање астронаути во САД по 9 години – во приватна капсула и ракета (видео)

Астронаутите Боб Бенкен и Даг Харли во капсулата „Дрегон“. Фото: NASA

Првпат од пензионирањето на флотата шатлови пред девет години, вчера беше извршено лансирање астронаути на НАСА од тлото на САД – и тоа во капсулата „Дрегон“ на ракетата „Фалкон 9“, обете изградени од компанијата „Спејс Екс“.

Капсулата со астронаутите на НАСА Даг Харли и Боб Бенкен веќе се приближува до Меѓународната вселенска станица и се очекува во 16.30 часот по македонско време да се спои со неа.

Освен што станува збор за прво лансирање на луѓе во вселената во летала на приватна компанија, вчерашното лансирање значи нова ера во работењето на НАСА – вселенската агенција на САД повеќе нема да гради свои ракети и летала, туку ќе ги користи услугите на Спејс Екс, компанија на познатиот бизнисмен Илон Маск.

Вчерашното лансирање од вселенскиот центар „Кенеди“ на Флорида става крај на речиси децениската практика НАСА да ги користи услугите на руската вселенска агенција за да лансира астронаути и товар во вселената.