Македонија Првиот патнички воз успешно ја тестираше пругата Битола – Кременица

Првиот патнички воз успешно ја тестираше пругата Битола – Кременица

Семафорите на влезот и излезот од станиците, рампите на железничките премини и останатата најсовремена опрема пробно се пушти во употреба за да се увидат евентуалните проблеми и пречки

Извор: Facebook page of the Bitola-Kremenica Project

Успешно помина првичното тестирање на пругата од Битола до Кременина на македонско – грчката граница. Патнички воз на Железници на РСМ – Транспорт денеска направи пробно возење на пругата долга 17 километри. Екипите ја тестираа поставената сигнализација долж целата траса, вклучувајќи го и работењето на семафорите на влезот и излезот од железничките станици и рампите на железничките премини. На терен директно се воочуваа проблемите и евентуалните пречки на железничката пруга.

Неопходните тестирања на пругата означуваат дека пругата од Битола до Кременица веќе е целосно изградена. Тестирањето со возови на пругата е последна подготовка пред официјалното пуштање во употреба на втората железничка врска на Северна Македонија со Грција. Во градежниот зафат се инвестираа 17,2 милиони евра, при што 6 милиони евра беа грант од Европската Унија и 11 милиони евра беа обезбедени од државниот буџет.

Изградбата на пругата од Битола до Кременица е прв од ваков вид реализиран проект за развој на железничката инфраструктура од осамостојувањето на нашата земја. Железничката врска со соседна Грција ќе овозможи поевтин и побрз транспорт на товар за фирмите од Пелагонискиот регион, ќе понуди алтернативна траса за возовите во случај на идни затворања на граничниот премин Богородица/Евзони, а од Железници на РСМ – Транспорт веќе изјавија дека се во преговори со грчката железница TrainOSE за воведување на патнички возови меѓу Битола и Лерин.