Македонија Протести во македонските затвори на 5 мај

Протести во македонските затвори на 5 мај

Затворениците и нивни роднини на 5 мај ќе протестираат во и пред сите затвори во Македонија поради тоа што претседателот Ѓорге Иванов сè уште нема одговорено на нивното барање да бидат помилувани, јавува „Алсат-М“.

Според најавите, протестот ќе биде поддржан и од невладините организации, кои веќе протестираат поради одлуката на Иванов да ги сопре сите судски процеси против политичари и нивни соработници.

Адвокатот Звонко Давидовиќ, кој се обрати на денешниот протест на „Шарената револуција“, вели дека затворениците се револтирани поради двојните стандарди и бараат Иванов како што ги помилувал политичарите, така да го помилува и нив.

– Поднесов барање за 2.200 осудени лица за намалување на казната за 30 отсто. Ми побараа да поднесам полномоштво или секој од нив поединечно да поднесе барање. Тоа ли е правда? – прашува Давидовиќ.

Затворениците од Идризово денеска испратиле соопштение во „Алсат-М“ во кое покрај поддршка за нивниот протест, бараат казните да им бидат намалени за 30 отсто, а осудените на доживотен затвор да добијат казна од 15 години.