Главна секција Протести пред македонската амбасада во Приштина, Харадинај ги смирува тензиите

Протести пред македонската амбасада во Приштина, Харадинај ги смирува тензиите

Неколку десетици лица, членови на семејствата и пријатели на косовските државјани осудени на доживотен затвор за настаните во кумановско Диво Насеље, денеска излегоа на протест пред македонската амбасада во Приштина, барајќи ослободување на нивните најблиски.

Како што јавуваат косовските медиуми, ситуацијата пред амбасадата е тензична, но полицијата ја држи под контрола.

Пред демонстрантите се појави и косовскиот премиер Рамуш Харадинај, кој се обиде да ја смири ситуацијата. Тој ги повика демонстрантите и семејствата на затворените да останат смирени, да внимаваат на своите дејства и порача дека тој е подготвен да разговара со нив и да им помогне.

На новинарско прашање како планира да им помогне, Харадинај не даде прецизен одговор, но рече дека тие што ги бараат не се наоѓаат во амбасадата, туку дека се во затвор во Скопје.
Протестот пред македонската амбасада доаѓа неполн ден откако косовски државјани во Пеќ и во Гњилане запалија македонски знамиња во знак на протест поради изречените доживотни казни за осумте обвинети, од кои повеќето се државјани на Косово.