Свет Балкан Проруската партија на Вулин почна иницијатива за приклучување на Србија во БРИКС

Проруската партија на Вулин почна иницијатива за приклучување на Србија во БРИКС

Одлуката би била донесена по широка расправа и спроведен референдум, предвиделе предлагачите – двајца пратеници на ДнС, кои се дел од пратеничката група на Српската напредна партија (СНС)

Александар Вулин; Извор на фотографија: Влада на Република Србија, октомври 2022 г.

Движењето на социјалистите (ДнС), проруска партија на чие чело до неодамна беше контроверзниот поранешен српски министер Александар Вулин, а сегашен директор на државната безбедносна агенција БИА, во парламентот на Србија поднело предлог-резолуција за приклучување на земјата на БРИКС, сојузот на Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, известува српски „Данас“.

Одлуката би била донесена по широка расправа и спроведен референдум, предвиделе предлагачите – двајца пратеници на ДнС, кои се дел од пратеничката група на Српската напредна партија (СНС).

БРИКС неодамна одржа самит, по кој беше соопштено дека голем број земји изразиле интерес да се приклучат. Овој сојуз во светската јавност се гледа како пандан на постоечки сојузи со западно предимство, како НАТО, Г7 и слични конгломерации.

„Изразуваме потреба пред јавноста на Република Србија да се отвори широк општествен дијалог за неоспорниот факт дека тн. европски пат на Србија има јасна алтернатива олицетворена во процесот на приклучување на организацијата БРИКС, како моментално најактуелниот глобално-економско-политички интегративен процес“, велат авторите на предлог резолуцијата.

Тие сметаат дека со таквиот чекор би се потврдила приврзаноста на Србија кон воспоставувањето поправеден светски поредок, којшто би бил заснован на безусловно почитување на меѓународното право и би ја ограничил „повеќедецениската западна хегемонија и на светот би му донело повеќе безбедност и стабилност, позначително уважување на неразвиените и средноразвиените земји и би обезбедил спроведување темелни реформи на меѓународните финансиски институции, со што би се создале услови за рамноправен економски и стопански развој на сите земји во светот.

Инаку, Александар Вулин неодамна се најде на црната листа на САД со обвинување на нелегална продажба на оружје, трговија со дрога и злоупотреба на службената должност. Американското министерство за финансии објави дека Вулин ја користел својата функција за да му помогне на српскиот дилер со оружје Слободан Тешиќ илегално да пренесува оружје преку српските граници. Вулин е обвинет и за вмешаност во трговија со дрога.

Додека Вулин беше министер за внатрешни работи на Србија, тој во август 2022 година беше во посета на Москва, подвлекувајќи го на тој начин одбивањето на Србија да воведе санкции кон Русија поради воената агресија врз Украина.