Македонија Продолжуваат блокадите во Скопје, сообраќајот и денеска се одвива отежнато

Продолжуваат блокадите во Скопје, сообраќајот и денеска се одвива отежнато

Фото: Мета.мк

Приватните автобуски превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ втор ден по ред протестираат со блокади на повеќе важни сообраќајни точки во Скопје. Нивните автобуси останаа на улица и во текот на ноќта. Како што најавија, таму ќе останат сè додека не почне подмирувањето на долгот што Град Скопје и Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) го имаат кон нив.

Поради блокадите, сообраќајот во главниот град и денеска се одвива отежнато, со метеж и колони возила на неколку локации. Сообраќајот го регулираат полициски службеници кои ги упатуваат возачите кон рутите кои се слободни за движење. Автобусите на ЈСП сега доцнат уште повеќе, а возниот ред не се почитува воопшто.

Принтсктин од „Гугл мапс“ за моменталната состојба со сообраќајот во градот. Сите портокалови, црвени и виолетови линии означуваат отежнат или оневозможен сообраќај (06.12.2022 г.).

Приватните превозници велат дека не само што нема да се повлечат од улица, туку најавуваат и блокирање на уште повеќе крстосници доколку градот не им излезе в пресрет.

Според досегашните изјави, скопската градоначалничка Данела Арсовска нема намера да го исплати долгот. „Слобода превоз“ тврди дека ЈСП им должи 1 милион евра, додека „Макекспрес“ бара исплата на долг од половина милион евра.

Фото: Мета.мк

Во синоќешното гостување на телевизија Сител, министерот за локална самоуправа Ристо Пенов рече дека Владата има инструмент за отстранување на блокадите во Скопје и дека ситуацијата се следи и анализира.

Град Скопје ги раскина договорите со „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ и најави дека ќе објави повик за склучување договори со нови превозници.

Данела Арсовска стана градоначалничка со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и со ветувања за брз и ефикасен автобуски јавен превоз. Исто така, таа ветуваше бесплатен јавен превоз за сите. Една година подоцна, сообраќајот во главниот град е во колапс, а бесплатниот превоз не е ниту на повидок.

Расправијата меѓу Ленин и Данела го оневозможи сообраќајот во главниот град