Дописници Пожарникарите – доброволци од Свети Николе добија возило и опрема

Пожарникарите – доброволци од Свети Николе добија возило и опрема

Свети Николе е еден од ретките градови во Македонија каде работат две противпожарни единици. Покрај професионалната, Територијалната противпожарна единица, активно е и доброволното противпожарно друштво ДПД – Свети Николе, кое активно учествува во сите активности заедно со професионалците.

Деновиве во една од гаражите на друштото, пожарникарите Дарко Петрушев и Кристијан Атанасов довезоа од Велика Британија комплетно опремено возило од марката „мерцедес“, наменето за спасување и интервенција при пожари и поплави. Ова е второто возило што го добиваат како донација од пријателската фондација „Флоријан“ од Велика Британија, која е хуманитарна пожарникарска организација.

Со „Флоријан“ светиниколските пожарникари соработуваат веќе 12 години. Од таму пристигна и неопходната опрема – заштитна облека, чизми, кациги, што ја поделија со професионалните пожарникари. Петрушев и Атанасов донесеа и хидраулични клешти, неопходни за извлекување на настрадани при сообраќајни незгоди или други случаи.

Од ДПД – Свети Николе велат дека вкупната вредност на возилото и опремата изнесува околу 80.000 евра.

Возилата се особен проблем за светиниколските пожарникари од професионалната бригада, бидејќи се постари од 30 години, а од петте во нивна сопственост, две не се функционални и се за отпис. Според градоначалникот Сашо Велковски, последен пат општината купила противпожарно возило пред 40 години. Свети Николе е една од неколкуте општини со најстари противпожарни возила, со просечна старост од над 30 години.

-Од петте возила во сопственост на Оштината, односно на ТППЕ, две не се функционални и се за отпис. Во план ни е набавка на нова опрема, а особено недостасуваат гас маски, што е проблем при гаснењето на пожари, што оваа пролет ги имавме во голем број – вели градоначалникот на Свети Николе, Сашо Велковски.

Од пожарите во изминатите месеци во светиниколскиот регион изгореа околу 300 хектари со ниви, шума, а беа зафатени и викендички.

Пожарникарите очекуваат зголемен интензитет на работа со пуштањето во употреба на патот Штип – Миладиновци, кога при сообраќајки, први на повик се свутинколоските пожарникари. Доброволците од Велика Британија дојдоа обучени за медицинско спасување како и со комплетна медицинска опрема во возилото.