Македонија Пожарите зафатија илјадници хектари, речиси 700 лица ги гасат, ЕУ испраќа дополнителна...

Пожарите зафатија илјадници хектари, речиси 700 лица ги гасат, ЕУ испраќа дополнителна помош

Фото: Генералштаб на АРМ

Ветерот којшто засилено дува во моментов во земјава, пропратен со високите температури и сушното време, продолжува да прави проблеми во гаснењето на пожарите низ земјава. Центарот за управување со кризи, според податоците заклучно со 13 часот денеска, информира дека актуелните пожари во Штипскиот, Струмичкиот, Битолскиот, Охридскиот, Тетовскиот и Кумановскиот регион досега уништиле над 4.000 хектари површина на шума, стрништа, пасишта и сува трева.

Според нивните податоци, за гаснење на пожарите денеска се ангажирани речиси 700 лица на територијата на целата земја, вклучувајќи ги и екипите кои пристигнаа на помош од Словенија и Бугарија. Најкритична е ситуацијата на територијата на Пехчево и Делчево.

Шумскиот пожар во атарот на с. Нов Истевник, маало Пасјак и понатаму е активен и е во дијаметар од 9 километри, а во неговото гаснење се ангажирани најголем број на лица од целата земја. Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски попладнево изјави дека ситуацијата кај маалото Пасјак е стабилна, но од утрово пламените јазици го напаѓаат маалото Балабанци, Курачкото Маало, а загрозен е и туристичкиот локалитет Кукуље.

На територијата на општина Пехчево, кај месноста Бајаз Тепе пожарот е активен и се шири кон селата Робово, Умлена и Чифлик. Месното население од Пехчево преку социјалните мрежи и попладнево упатува апели за помош при гаснењето на пожарите. На оваа локација е изгорена високостеблеста дабова и борова шума, нискостеблести растенија, смрека, стрништа и пасишта, а објавените фотографии на Фејсбук укажуваат на целосно изгорени пространства на шума.

Од Центарот за управување со кризи информираат дека Пожарот на потегот Костин Дол – Ново Село (опш.Кочани и опш.Македонска Каменица) од ноќеска повторно е активен и се гаси на терен.

Во Прилепскиот регион, пожарот во атарот на с.Ракле – с.Никодин – с.Топлица е активен на еден крак према Рудникот Козјак и еден крак према високиот дел с.Крстец – с.Никодин. Опожарени се околу 2.000 хектари нискостеблеста дабова шума и лисната постилка. На потегот с.Крстец – с.Никодин гори нискостеблеста дабова шума. Под контрола е кракот према с.Топлица, кракот према Црквата и викенд куќите во с.Ракле. На кракот од Магистралниот пат Прилеп – Градско, гори чалија, сува трева, грмушки и деградирана дабова шума, информираат од ЦУК.

Пожарот во атарот на с.Девич (опш.Македонски Брод), во 18:00 часот на ден 04.08.2021 година е ставен под контрола. Од утрово на терен се ТППЕ Македонски Брод со 4 пожарникари и 5 вработени од ШС Македонски Брод заради контрола на просторот.

Во Кумановскиот регион, ТППЕ Куманово со 4 пожарникари и 1 ПП возило, од 07:00 часот интервенираат поради запалена сува трева во атарот на с.Јачинце. ТППЕ Старо Нагоричане со 3 пожарникари со 1 ПП возило, во 09:30 часот е упатена на терен кон атарот на с.Жељудино поради контрола на пожарот.

Активни пожари има и во другите региони од земјава, а Европската Унија попладнево информираше дека ќе испрати дополнителна помош за Македонија и Грција за справување со пожарите кои беснеат во моментов.

Јанез Ленарчич, шеф на европската Комисија за управување со кризи на Твитер објави дека ЕУ ќе испрати дополнителни капацитети во Грција и Северна Македонија како поддршка на локално ниво, но и дека помошта е планирано да пристигне од Шведска, Франција, Австрија, Бугарија и од ЕУ“.