Главна секција Пожари беснеат низ земјава, од утрово целосна забрана за движење во шумите

Пожари беснеат низ земјава, од утрово целосна забрана за движење во шумите

Извор: Фејсбук профил на Дирекција за заштита и спасување

Од утрово во земјава стапи на сила целосната забрана за движење во шумските предели, а Владата апелираше до граѓаните да не се движат низ шумските предели заради заштита на личната безбедност и заради спречување натамошно ширење на пожарите.

Пожарот во Кочанско којшто беснееше вчера вечерта е локализиран и ставен под контрола. Пожарот и понатаму е активен во близина на селото Тркање, а на терен се екипи на противпожарните единици за контрола на ситуацијата.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов вчеравечер изјави дека за утрово е закажана седница на групата за проценка, каде ќе се разгледа сериозноста на ситуацијата, и доколку е потребно, ќе предложат прогласување на кризна состојба на дел од територијата или на целата територија од државата.

Активни пожари има на неколку локации во земјава, но вчера најстрашно беше во Кочани и Старо Нагоричане, каде покрај тоа што изгореја многу хектари шума, настрадаа возила, куќи и друг имот на локалното население. Во Старо Нагоричане интервенираше хеликоптер, додека во Кочани беа испратени екипи од неколку градови во земјава и припадници на војската за да интервенираат заедно со противпожарната единица на Кочани и локалното население.

Пожари има и во Македонски Брод, Валандово, а приоритет на гаснење на огнената стихија во моментов ќе има пожарот во планинските села Костин Дол и Новоселани во Кочанско, како и шумскиот појас кај селото Пасјак меѓу општините Делчево и Пехчево.

Инаку, Македонија веќе една недела е зафатена од продолжен топлотен бран, со многу високи температури и без врнежи. Синоптичарите за денеска попладне повторно предвидуваат повремено засилен ветер од западен правец, кој ќе биде особено изразен во западните делови од земјава. До четврток е активирано портокалово ниво на опасност од високите температури.