Свет Европа Повеќе од 60 згради во Велика Британија не ги задоволуваат противпожарните стандарди

Повеќе од 60 згради во Велика Британија не ги задоволуваат противпожарните стандарди

Британската влада вчеравечер соопшти дека досегашната истрага утврдила дека најмалку 60 згради во Британија не ги исполнуваат и се во спротивност со безбедносните стандарди против пожари. Локалните власти во земјата се на готовс во случај на нови евакуации на станари по неодамнешниот пожар во зграда во Лондон, во кој загинаа 79 лица.

„Сите надлежни служби, станари и пожарникари ги добија резултатите од тестовите и сега сите сме во контакт за преземање конкретни мерки“, изјавил британскиот министер за локални заедници, Саџид Џавид, јавуваат агенциите.

Министерот претходно изјави дека примероците од надворешните фасади на 34 згради не ги задоволуваат безбедносните стандарди.

Повеќе од сто станари во четири згради во Лондон во саботата биле исселени поради опасност од пожар и поради итно поставување противпожарна заштита.

Во зградата „Гренфел“ во Лондон, која изгоре ноќта меѓу 13 и 14 јуни, живееле сиромашни луѓе, приматели на социјална помош, кои со години се жалеле на проблеми со струјата и на други недостатоци, поради што зградата минатата година била реновирана.

Сомневањата се дека зградата брзо изгорела бидејќи при реновирањето бил вграден ефтин и запаллив термоизолациски материјал.