Економија Потпишани првите договори за користење на средства од ИПАРД 2-програмата

Потпишани првите договори за користење на средства од ИПАРД 2-програмата

Вкупно 692 договори за набавка на трактори преку ИПАРД 2-програмата вредни 5,8 милиони евра, ќе бидат потпишани во наредните денови, а денеска во Министерството за земјоделство беа потпишани првите 13 договори.

Најголем дел од средствата се за набавка на трактори, но земјоделците покажале интерес и за приклучна механизација мотокултиватори, ѓубре-растурачи, прскалки, системи „капка по капка“, линии за транспорт на храна.

– Ова е рекорден број на корисници на средства од постоењето на ИПАРД-програмата воопшто. Со оваа поддршка ќе се унапреди состојбата на фармите и земјоделските стопанства, а тоа ќе значи поголема конкурентност – рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски рече дека по детектираните слабости на ИПАРД 1, процедурата за конкурирање за ИПАРД 2 е поедноставена.

Од вкупно проектираните 5,8 милиони евра за што ќе се потпишуваат договорите овие денови, 4,3 милиони се европски пари, а 1,4 милиони средства од националното финансирање.