Дописници Поставен филтер во кочанската Paper Mill, општината најавува нови мерки против аерозагадувањето

Поставен филтер во кочанската Paper Mill, општината најавува нови мерки против аерозагадувањето

Кочанската компанија Paper Mill (Пејпер мил) која доби забрана за работа од Државниот инспекторат за животна средина, монтираше воден филтер за собирање загадувачки супстанци и ПМ честички од отпадните гасови, кои исто така содржат и јаглерод моноксид.

Филтерот е таложник со вода, низ која чадот поминува преку цевки и се враќа назад во системот, додека низ оџакот се испушта водена пареа. Овој филтер компанијата ја чинеше 70.000 евра и со инсталацијата, како што објаснуваат од таму, чадот што ќе излегува ќе биде колку од еден домашен оџак.

Ова е само една од мерките, кои треба да приднесат да се намали аерозагадувањето во Кочани, кое и натаму е во релативно високи вредности. Најголемите вредности на загадувањето на амбиенталниот воздух се постигнати во текот на октомври и ноември, кога имаше интензивно палење на оризовите полиња.

Со цел да се утврди квалитетот на воздухот, Општина Кочани најави едногодишно испитување на воздухот, како и стручна експертиза за амбиенталниот воздух. Дополнително, од Буџетот за 2020 години се планирани 300.000 денари за посебна Програма за животна средина, која предвидува мерење на воздухот на повеќе локации во градот. Ова ќе помогне во креирањето мерки против аерозагаденоста.

– Моменталната загаденост, односно тоа што го имам како информација, а добивам секојдневни информации, просечната дневна загаденост е 63 микрограми на кубен метар воздух, што е далеку од горната граница што е поставена од 200 мигрограми на метар кубен, кога и се препорачуваат мерки. Ние будно го следиме ова, меѓутоа се со цел да имаме вистинска слика на загадувањето, колку навистина Кочани е загаден – изјави Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.

Се очекува дополнително за биде избрана специјализирана инстутуција која ќе ѝ даде насоки на општинската администрација во која насока да ги креира своите мерки и програми во борбата против аерозагадувањето.

Од Владата исто така е најавено дека Кочани влегува во Планот за чист воздух преку обезбедување на државна помош. Неодамна, при посетата на Штип, заменик министерот за животна средина Јани Макрадули за Кочани најави дополнително мерење на воздухот во Кочани, како и вклучување на дел од инстутициите кон геотермалниот систем за загревање.