Дописници Поради вработена со температура, одложен приемот на деца во Клонот 1 на...

Поради вработена со температура, одложен приемот на деца во Клонот 1 на градинката во Свети Николе

Извор на фотографија: Општина Свети Николе

Вратите на Клонот 1, на градинката „Рахилка Гонева“ од Свети Николе денеска останаа затворени за најавените 110 деца од превентивни причини. Имено, изминатиот викенд негователка во овој објект на градинката, пројавила симптоми на ковид-19. Вработената деновиве била на работа, во подготовка на градинката за прием на деца.

Во согласност со протоколот за работа на градинките и по меѓуинституционални консултации, одлучено е денеска да почне со работа само реновираниот Клон 2, кој згрижи 44 деца, соопштија од Општинат Свети Николе.

– Додека не добиеме официјални резултати од тестирањето на вработената и епидемиолошка слика за нејзините контакти, овој објект нема да го пуштиме во функција – изјави Сашо Велковски, градоначалник на Свети Николе.

Од раководството на градинката изразија разочараност и поради фактот дека со месеци очекуваа отворање на градинките, меѓутоа, според нив, подобро да се одложи згрижувањето на децата за некој ден, бидејќи најважно е здравјето на децата, нивните родители и вработените.