Здравје Поради голем број на хоспитализации се отвараат нови ковид оддели во болниците

Поради голем број на хоспитализации се отвараат нови ковид оддели во болниците

Паркингот пред Ковид-амбулантата на Инфективна клиника. Фото: Вистиномер, 24 август 2021

Заради континуираниот пораст на бројот на новозаболени и со цел проширување на болничките капацитети, Комисијата за заштита од заразни болести препорача Клиниката за кожни болести и Клиниката за неврологија во Скопје да продолжат со работа како ковид центри и да се отвори дополнителен ковид оддел во ГОБ „8 Септември”, информираат во Министерството за здравство.

На состанокот на Комисијата присуствувал министерот за здравство, д-р Беким Сали, кеда заедно со членовите ја разгледувале актуелната епидемиолошка состојба.

„Согласно дневните извештаи од инфективните одделенија и ковид центрите, во моментот се хоспитализирани вкупно 573 лица, од кои 180 во Скопје и 393 лица на инфективни одделенија во државата“, соопштуваат во министерството.

Министерството за здравство ги задолжило универзитетските клиники, Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза кај децата Козле-Скопје и Специјалната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“, при зголемување на бројот на новозаболени, а на кои им е потребна хоспитализација да бидат организациски подготвени за спроведување на здравствениот третман на пациентите болни од ковид-19.

„Во однос на медицинскиот персонал, јавните здравствени установи се известени и задолжени да назначат лица – среден медицински кадар за вклучување во работата на КИБФС (медицински сестри и болничари). Комисијата препорача почнувањето на второто полугодие од учебната 2021–2022 год, наставата да се одвива со физичко присуство за сите ученици во основно и средно образование со доследно почитување на превентивните мерки и протоколи“, додаваат во министерството.