Македонија Поповски: Предлог-законот на СДСМ за медиумите е нашата „црвената линија“

Поповски: Предлог-законот на СДСМ за медиумите е нашата „црвената линија“

Опозицискиот СДСМ нема да отстапи од своите позиции околу предлог-законот за медиуми што вчера им го достави на другите политички партии, потписнички на Договорот од Пржино. Според Роберт Поповски, член на преговарачкиот тим на СДСМ, тоа е нивната црвена линија во преговорите за регулацијата на медиумите.

– Нашиот став е јасен и прецизен, ние предложивме законска форма во која ги дефиниравме и уште еднаш ги потврдивме нашите позиции. Таа се базира врз предлогот на меѓународната заедница, кој е во согласност со размислувањата на опозицијата и на огромен процент од медиумската заедница, новинарскиот еснаф и сите луѓе што работат во оваа професија и во интерес на граѓаните на Република Македонија. Опозицијата нема да отстапи од регулација на медиумите што значи можност за граѓаните да добијат објективна слика за состојбата во државата. Тоа е црвената линија, која е во интерес на регуларни и фер избори и во интерес на демократскиот амбиент и која мора да се испочитува – изјави вечерва Поповски.

Тој додаде дека од нивниот предлог никој не траба да биде загрижен доколку си ја работи професијата така како што треба.

– Единствено можат да бидат загрижени тие што и сега ги кршат елементарните основи на новинарската професија – додаде Поповски.

Членот на преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, пред почетокот на денешната рунда преговори за медиумите во клубот на пратеници изјави дека неговата партија го отфрлила предлог-законот за медиуми на СДСМ. Тој го нарече предлог-законот „Гаргамел-закон“, истакнувајќи дека е противуставен, неевропски и дека го нема во ниту една држава во светот.