Македонија Попоски се сретна со Нуланд на самитот на НАТО во Брисел

Попоски се сретна со Нуланд на самитот на НАТО во Брисел

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, на покана на Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска во седиштето на НАТО во Брисел, учествуваше на редовниот состанок на ниво на министри за надворешни работи, во формат Северно-атлантски совет на НАТО и оперативните партнери во мисијата „Решителна подршка“ во Авганистан.

Министрите разговараа за продолжување на мисијата во текот на 2017 година, за понатамошната подршка на финансиската одржливост на авганистанските безбедносни сили, силната политичка и практична соработка со земјата, како и улогата на НАТО Алијансата и нејзините партнери во обезбедување на сигурна и просперитетна иднина на земјата и региoнот.

„Од наша страна беше нагласена подготвеноста за понатамошна поддршка на НАТО во меѓународните мировни операции и посебно во мисијата „Решителна поддршка“ во рамки на нашите капацитети и способности, со цел градење на стабилна и безбедна иднина за Авганистан и регионот. На маргините на состанокот министерот Попоски оствари билатерални средби со помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Викторија Нуланд и министрите за надворешни работи на Германија, Турција, Унгарија, Грција, Бугарија и Холандија залагајќи се во насока на побрзо остварување на евроатланските амбиции на Република Македонија“, стои во соопштението од Министерството за надворешни работи.