Свет Балкан Попоски се сретна со Коѕиас во Брисел

Попоски се сретна со Коѕиас во Брисел

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски денеска  на маргините на министерскиот состанок на НАТО во Брисел се сретна со шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас.

На средбата тие разговарале за мерките за градење дoверба, билатералните односи, но и за политичката ситуација во Македонија.

Коѕиас побарал да биде информиран за политичките случувања во нашата држава и изразил надеж дека ситуацијата за брзо време ќе се нормализира и стабилизира во согласност со европските политички вредности и со демонстрирање на култура за прифаќање компромиси од страна на сите политички сили.

Министрите се фокусирале и на мерките за градење доверба. Зборувале и за резултатите од последната рунда разговори за мерките која се одржа во април за Скопје, но и за подготовките за следната средба закажана за јуни во Атина.

Ова е втора средба на Коѕиас и Попоски во рок од еден месец  – тие разговараа и на 22 април во Солун на маргините на регионалниот состанок за бегалската криза.