Главна секција Полицијата го испразни Собранието, граѓани останаа да кампуваат

Полицијата го испразни Собранието, граѓани останаа да кампуваат

Специјални полициски единици со употреба на шок-бомби и на други средства за растерување толпа го испразнија Собранието и ги евакуираа пратениците и новинарските екипи откако во него вечерва се случуваше вистинска драма со насилства во кои беа повредени неколку десетици лица.

Поголем број полицајци пристигнаа во Собранието неколку часа откако толпата успеа да влезе внатре и физички да нападне пратеници, новинари и полицајци. Меѓу повредените пратеници се лидерот на СДСМ, Зоран Заев, неговите колеги Дамјан Манчевски и Максим Димитриевски, Радмила Шекеринска и пратеникот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, кој поради сериозноста на повредите заврши во болница.

Насилното влегување почна по изборот на Талат Џафери за нов спикер од новото парламентарно мнозинство, кога голем дел од демонстрантите пред Собранието влегоа од главниот влез на законодавниот дом.

Во еден период влезовите на Собранието беа блокирани од групи демонстранти, кои не дозволуваа полицијата да ги изнесе пратениците.

Насилствата остро ги осудија ЕУ, САД, ОБСЕ, Германија и други високи претставници на меѓународната заедница.

Претседателот Ѓорге Иванов во вонредното обраќање до граѓаните повика на смирување на тензиите и предложи лидерска средба која би се одржала во неговиот кабинет.

Пред Собранието останаа поголем број граѓани, а почнаа да се поставуваат шатори и да се дотура храна и вода.