Македонија Политичките партии во Клубот на пратеници ја решаваат новата криза

Политичките партии во Клубот на пратеници ја решаваат новата криза

Во 14 часот, во Клубот на пратеници во Скопје, почна средбата на претставниците на политичките партии со надеж дека ќе го решат застојот во преговорите за изборниот законик.

Изјава даде само претставникот на СДСМ, Дамјан Манчевски, кој рече дека на средбата нема да разговараат за ништо друго додека не го решат прашањето со изборот на тимот на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.

– Со неизборот на целиот тим на специјалната обвинителка, се крши Договорот од Пржино. Бараме Советот на јавни обвинители целосно да го испочитува законот за специјално обвинителство. Додека не се реши тоа, Договорот од Пржино за нас е неактивен – изјави Манчевски.

Антонио Милошоски, преставникот на ВМРО-ДПМНЕ на разговорите, пред да влезе во Клубот на пратеници, само кусо рече дека ќе се разговара за сите спорни прашања, а олеснувачот Питер ван Хојте немаше коментар и само потврди дека денешната средба ќе се одржи.