Македонија Подолг полициски час: Повеќе прекршители, но помалку „бегства“ од самоизолација

Подолг полициски час: Повеќе прекршители, но помалку „бегства“ од самоизолација

Фото: Арбнора Мехмети

Над 500 граѓани викендов го прекршиле полицискиот час низ целата земја. Министерството за внатрешни работи имало полни раце работа. Зголемувањето на времетраењето на забраната за движење на граѓаните од 16 часот до 5 часот наутро предизвика и зголемување на бројот на граѓани што не го почитувале.

Според статистиката на МВР, во текот на изминатите 24 часа евидентирано било дека 242 лица не ја почитувале забраната за движење, при што приведени биле 95 лица, опоменати биле 37 лица, додека за останатите прекршители се изготвени записници, информираат од МВР.

Една ноќ претходно, мерката за забрана на движење меѓу саботата и неделата не ја почитувале 263 лица. Притоа, полициските службеници привеле 102 лица, 46 лица биле опоменати, а за останатите се изготвени соодветни записници и тие се доставени до надлежното ОЈО.

За разлика од зголемувањето на бројот на лица што не го почитуваат полицискиот час, во текот на викендов е забележан намален број на граѓани што не ја почитувале мерката за самоизолација. Во двата дена, извршени се проверки на објекти и констатирано е дека само во четири случаи имало непочитување на мерките на самоизолација од граѓани.