Македонија Почнува скринингот, КОЕЛА пристигнува во дводневна работна посета на Северна Македонија

Почнува скринингот, КОЕЛА пристигнува во дводневна работна посета на Северна Македонија

Фото: Guillaume Perigois, Unsplash

Од денеска во работна посета на земјава престојува Работната група на Советот на ЕУ за проширување и за земјите кои преговараат за пристапување во ЕУ – КОЕЛА (COELA), соопштија од Министерството за надворешни работи (МНР).

КОЕЛА е тело составено од дипломати од сите земји-членки на ЕУ, кое е задолжено за процесот на проширување и односите со земјите-кандидати кои преговараат за пристапување кон Унијата. Со КОЕЛА претседава ротирачкото претседателство на Советот на ЕУ, а во втората половина од годинава со телото претстедава дипломат од Постојаната мисија на Чешката Република во ЕУ.

За време на дводневната посета, работната група ќе одржи состаноци со институциите и претставниците на граѓанските здруженија.

Посетата се реализира во пресрет на почетокот на скрининг процесот и е прва посета по одлуката на Советот на ЕУ досиејата на Северна Македонија и Албанија да преминат во работната група надлежна за земјите кои се во преговарачки процес со ЕУ.

Работната група ќе оствари средби со премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот и главен преговарач Бојан Маричиќ, министерот за надворешни работи Бујар Османи, претседателот на собранието Талат Џафери, како и со претставници на министерствата и другите институции вклучени во таканаречениот „Кластер 1“ од преговорите за пристапување во ЕУ.