Свет Балкан Почнува расправата за гласање доверба на владата на Ципрас

Почнува расправата за гласање доверба на владата на Ципрас

Во грчкиот парламент денеска почнува тридневната собраниска расправа за гласање доверба на новата влада на СИРИЗА и на Независни Грци. Собраниската дискусија ќе почне со говор на премиерот Алексис Ципрас, кој ќе ја претстави владината програма, а ќе продолжи со излагања на секој од министрите, кои ќе ги претставуваат програмите и целите на секое од министерствата.

Тридневната процедура ќе заврши в среда на полноќ, со гласање доверба на владата. Владата со сигурност ќе добие доверба бидејќи парламентарната група на СИРИЗА и на Независни Грци има парламентарно мнозинство од 155 пратеници.

Се очекува за време на обраќањето и претставувањето на програмата, Ципрас да ги истакне приоритетите на владата, односно спроведувањето на договорот со европските кредитори, борбата со корупцијата, реформирањето во државната администрација, како и обидот да се издејствува реструктуирање и намалување на грчкиот долг откако европските партнери ќе ја извршат првата процена на грчкото придржување до договорот за новата финансиска помош.

М.П.