Македонија Почна изградбата на втората фаза од булеварот „Босна и Херцеговина“ во Бутел

Почна изградбата на втората фаза од булеварот „Босна и Херцеговина“ во Бутел

Екипите на Град Скопје почнаа со изведба на втората фаза од изградбата на новопроектираниот булевар „Босна и Херцеговина“, на потегот од крстосницата со булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ до крстосницата со улиците „Ќемал Сејфула“ и „Бутелска“. Увид во градежните работи на оваа делница денеска извршија градоначалникот Петре Шилегов и градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски, информираат градските власти.

– Очекуваме во наредните десетина месеци да дојде до спојување со трасата на булеварот „Босна и Херцеговина“ што веќе се работи. Граѓаните на Бутел, Чаир, Шуто Оризари и на Железара ќе имаат целосно булеварско решение со кое се спојуваат булеварот „Словенија“, „Босна и Херцеговина“ и „Христијан Тодоровски Карпош“ – изјави градоначалникот Шилегов.

Проектот за изградба на булеварот „Босна и Херцеговина“ подразбира изведба на траса со должина од 1.700 метри, со шест коловозни ленти, две велосипедски патеки, две пешачки патеки и зеленило. Сообраќајницата ќе има вкупна ширина од 40 метри.

За реализацијата на втората фаза од изградбата на новопроектираниот булевар „Босна и Херцеговина“ од Буџетот на Град Скопје се издвоени околу 1,6 милиони евра, со пресметан ДДВ.

Градоначалникот Петре Шилегов посочи дека изградбата на булеварот „Босна и Херцеговина“ ќе овозможи развој на градот во наредните триесетина години. Северниот секундарен прстен околу Скопје треба да се комплетира со изградба на булеварот „Хрватска“ во правец кон населбата Автокоманда, како и довршување на булеварот „Србија“ во правец кон населбата Бардовци. Двата булевара се продолжение на трасата на булеварот „Босна и Херцеговина“.