Македонија По веста на „Порталб.мк“, наставните програми се преведени на албански јазик

По веста на „Порталб.мк“, наставните програми се преведени на албански јазик

Шест дена откако „Порталб.мк“ предупреди дека наставните програми за учебната 2020/2021 година не се преведени на албански јазик за илјадници наставници Албанци, Бирото за развој на образованието вчера ги објави истите и на албански јазик, пренесува „Порталб.мк“.

Овие наставни програми или курикулуми, на коишто наставниците се базираат при креирањето на секој час, денес може да се најдат и на албански јазик, на веб-страницата на Министерството за образование и наука, односно на веб-страницата на Бирото за развој на образованието.

Само пред шест дена, по неколку жалби до редакцијата на „Порталб.мк“ од наставници Албанци, го прашавме Министерството за образование и наука на оваа тема, а тие ветија дека ќе ги објават наставните програми и на албански јазик.

„Бирото за развој на образованието подготви наставни програми за основните и средните училиште на сите јазици, на кои се одвива наставата во нашата земја, и тоа на: македонски, албански, турски, српски и босански за основните училишта, а на македонски, албански и турски јазик за средните училишта. Со оглед на тоа што станува збор за голем број наставни програми, потребно е одредено време за нивно поставување на веб-страницата на Бирото и тоа ќе се случи што е можно поскоро“, рекоа од Министерството за образование и наука.

Сепак, веб – страницата на Министерството за образование и наука, кога ќе се избере опцијата за преглед на албански јазик, има многу недостатоци. Односно, многу опции или можности што се нудат на македонски јазик, исчезнуваат и веќе не постојат во моментот кога ќе се кликне на веб-страницата на албански јазик.

Инаку, на 1 октомври е планирано да започне образовниот процес во основните и средните училишта во Северна Македонија преку Националната платформа за учење од далечина, останува сè уште нејасно дали наставниците ги имаат потребните алатки за одржување на часови.