Свет Балкан По пожарите, Грција формираше ново министерство за климатски промени

По пожарите, Грција формираше ново министерство за климатски промени

Photo by Matt Palmer on Unsplash

Грција формираше ново министерство кое ќе се справува со влијанието на климатските промени во земјата по катастрофалните пожари што ја погодија земјата изминатово лето. На чело на новото министерство е поставен поранешниот кипарски еврокомесар Христос Стилијанидес, јавува Јуроњуз.

Владата призна дека изминатово лето постоеле грешки во справувањето со шумските пожари во Грција, кои проголтаа 116.000 хектари шума на островот Евија и јужните делови на земјата. Како нов министер, Стилијанидес ќе биде ангажиран да раководи со противпожарните екипи, помошта при катастрофи, но и ќе треба да воспоставува политики за прилагодување на земјата на зголемените температури како резултат на климатските промени.

„Последиците од климатските промени нè надминаа, и ние мора да ги забрзаме големите промени без одложување“, изјави министерот за климатски промени Стилијанидес, додавајќи дека превенцијата од катастрофи и подготвеноста е најефикасното оружје кое го имаат во моментов.

Инаку, пожарите коишто ја зафатија Грција изминатово лето се квалификувани како најлоши во изминативе децении. Покрај грешките во справувањето со пожарите и намерното подметнување на дел од нив, оваа балканска земја во екот на катастрофата се соочи со продолжен топлотен бран со температури од над 40 степени, придружен со силни ветрови.