Македонија Платежната картичка „Купувам домашно“ ќе ја добијат 324.479 граѓани

Платежната картичка „Купувам домашно“ ќе ја добијат 324.479 граѓани

Домашната платежна картичка ќе ја користат 324.479 корисници, a денеска е објавена конечната листа на веб-страната kupuvamdomasno.gov.mk, соопштија од владината прес-служба. Веќе се печатат и првите картички и наскоро ќе почнат да им се издаваат на корисниците. За оваа мерка ќе се издвојат 28 милиони евра, со цел, поддршка на граѓаните, но и на домашното производство и услуги во надминување на ковид-19 кризата.

Како што посочи на прес-конференција министерката за финансии Нина Ангеловска, банките ќе почнат да ги доделуваат картичките од крајот на оваа недела, а сите ќе треба да бидат издадени најдоцна до 18 јули и искористени најдоцна до 15 август.

Издавачи на картичките се НЛБ Тутунска Банка, Стопанска Банка-Скопје, Комерцијална Банка, Халк Банка, Шпаркасе Банка, Охридска Банка, УНИ Банка, Централна Кооперативна Банка и Силк Роуд Банка.

Корисници се граѓани со низок доход, односно 115.927 лица – приматели на социјална помош и невработени евидентирани како активни баратели на работа во АВМ, до 22 мај 2020, кои оствариле нето-доход до 180.000 денари во 2019 година и нето-доход до 60.000 денари во период јануари-април 2020 година, согласно евиденцијата на УЈП. Овие лица еднократно ќе добијат 9.000 денари на платежната картичка.

Корисници се и вработени со низок доход, кои ги има 117.144 лица, и тие ќе добијат 3.000 денари еднократно. Тоа се лицата кои за периодот јануари – април 2020 година оствариле доход само по основ на плата и надоместоци на плата во нето-износ не поголем од 60.000 денари. Тие ќе добијат и ваучер за домашен туризам од 6.000 денари.

Младите лица, чиј број изнесува 87.014, ќе добијат еднократно 3.000 денари. Станува збор за лица со наполнети 16 години и не постари од 29 години заклучно со 22 мај 2020 година, активни учесници во државното формално средно образование и високото додипломско образование. Домашна картичка ќе добијат и 4.394 здравствени работници ангажирани во справување со ковид-19, кои ќе добијат 40 отсто од последната основна нето-плата.

Банките на своите интернет страни ќе ја објават постапката за комуникација со клиентите и начинот на нивната достава на картичките. Овие картички ќе се користи за купување производи и услуги во ресторани, кафулиња, брза достава, хотели, одморалишта, сместувачки капацитети, туристички агенции, трговија на мало, продавници за храна и пијалаци, зелени пазари, аптеки, фризерски салони и салони за разубавување. Продавниците ќе треба да обезбедат обележани гондоли-рафтови со ознака „Купувам домашно”. Со нив не може да се вади готовина од банкомат, да се плаќа надвор од земјата, да се префрлаат средства кон други сметки.

– Кога купувате домашен производ или услуга придонесувате да се зачува работното место на вработените на кои во овој момент потребна им е поддршката да ги надминат последиците од ковид-19 кризата. Пораката која ја носи овој проект е – Купувајте домашно и плаќајте безготовински. Готовината е преносител на ковид-19. Безготовинско плаќање придонесува за намалување на ризиците и за намалување на неформалната економијата која е штетна за сите нас и нашата економија – рече Ангеловска.