Свет Балкан Петков инсистира „францускиот предлог“ да помине во парламентот па потоа да се...

Петков инсистира „францускиот предлог“ да помине во парламентот па потоа да се одлучува за ветото

Премиерот на Бугарија Кирил Петков во резиденцијата „Бојана“ на периферијата на Софија. Фото: Влада на РСМ, 25 јануари 2022

Бугарскиот премиер Кирил Петков не го прифати предлогот на поранешниот премиер Бојко Борисов, владата на Бугарија да го одобри „францускиот предлог“ за кревање на ветото за Северна Македонија пред да помине расправата во парламентот. Претходно, Борисов, кој пред околу две години го постави ветото за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, денеска најави дека пратениците на ГЕРБ ќе гласаат за „францускиот предлог“ со што би се одблокирало проширувањето на Унијата.

Ставот на бугарската влада го пренесе бугарски „Дневник“, повикувајќи се на портпаролката на Владата, Лена Бориславова. Таа рече дека премиерот Кирил Петков нема да отстапи од веќе многупати повторената формула за Македонија – прво да мине низ парламентарната комисија за надворешна политика, потоа на пленарна седница, а потоа да дојде во Владата.

Како што пренесува „Дневник“, Бориславова изјавила дека е важно Борисов да им каже на своите 59 пратеници да отидат на седницата на парламентот и да работат на ребалансот на буџетот и нацрт-законите за планот за закрепнување и одржливост.

„Пристапот на Петков е спорен, оти според Уставот [на Бугарија], надворешната политка на Бутарија се води од владата, а не од парламентот. Но, Премиерот презеде полтички чекор на обратна хронологија по честите обвинувања од „Има таков народ“ за двојна политика во спорот за Северна Македонија, бидејќи одбива да демонстрира максимална транспарентност“, коментира dnevnik.bg

Од друга страна, како што објави mediapool.bg, со овој став Борисов истовремено сака да ја урне владата, барајќи гласање за нејзина доверба, но и да ја поддржи, признавајќи го постигнатиот успех со предлогот на француското претседателство за ветото.

Предлогот треба да се најде пред Комисијата за надворешни работи на Народното собрание на Бугарија.

ГЕРБ на Бојко Борисов ќе го поддржи кревањето на ветото за Северна Македонија