Свет Балкан Пенс освен со Заев, разговарал и со грчкиот премиер Ципрас

Пенс освен со Заев, разговарал и со грчкиот премиер Ципрас

Потпретседателот на САД, Мајк Пенс, вчера по телефонскиот разговор со премиерот на Македонија, Зоран Заев, телефонски се слушнал и со премиерот на Грција, Алексис Ципрас, соопшти Белата куќа.

Пенс и Ципрас во телефонскиот разговор ги реафирмирале долготрајните врски помеѓу Грција и САД.

„Потпретседателот му честиташе на грчкиот премиер за напредокот кон закрепнување од економската криза и му се заблагодари за улогата на Грција како столб на стабилност во регионот, за нејзиниот придонес во НАТО, како и нејзината воена соработка со САД. Лидерите изразиле жалење дека Конференцијата во Кипар минатата недела завршила без договор и потпретседателот ја подвлече континуираната поддршка од САД за сеопфатно решение за повторно обединување на островот како бизонална, двокоммунална федерација. Потпретседателот му упати покана на Ципрас да го посети Вашингтон и лидерите се согласија да се сретнат во блиска иднина“, се вели во соопштението од Белата куќа.

Пенс вчера во телефонскиот разговор со Заев ги поздравил процесите што Владата ги почнала за демократија, слобода и за правда во Македонија и му пренел поздрави од претседателот на САД, Доналд Трамп, и од американската администрација.