Македонија Пенс до Заев: Честитки за договорот со Грција – се отвораат вратите...

Пенс до Заев: Честитки за договорот со Грција – се отвораат вратите за ЕУ и за НАТО

Потпретседателот на САД, Мајк Пенс, во телефонски разговор со македонскиот премиер Зоран Заев, вчера го честитал постигнувањето на Договорот на Македонија со Грција за решавање на спорот за името и им честитал на Заев и на неговиот грчки колега Алексис Ципрас за покажаното лидерство, соопшти македонската влада.

„Според потпретседателот Пенс, договорот покажува јасен сигнал дека Република Македонија се доближува кон развиениот западен свет, што ќе биде јасно верификувано на самитот на НАТО во Брисел наредната недела. Поканата за влез во НАТО, како што рече Пенс, е јасен сигнал дека позитивниот резултат од референдумот ќе значи конечно полноправно членство на Македонија во Северно-атлантската алијанса“, стои во владиното соопштение.

Пенс порачал дека САД ќе бидат и понатаму вклучени и ќе ги поддржат процесите кои следуваат во наредниот период во Македонија, посебно за спроведување на реформите, како и за целосно спроведување на договорот со Грција. Тој посакал и  успешни преговори за членство во Европската Унија, известува Владата.

Пенс за телефонскиот разговор извести преку својот Твитер-профил, порачувајќи дека искажал поддршка за Договорот со Грција. Тој вели дека успешното спроведување на договорот ќе ја отвори вратата кон евроинтеграцијата и ќе ги засили просперитетот и стабилноста на регионот.

Потпретседателот на САД имал телефонски разговор и со грчкиот премиер Ципрас, кому му ја упатил истата порака за значењето на Договорот за напредокот на регионот.