Главна секција Пендаровски во посета на Грција, ќе се сретне со претседателката Сакеларопулу и...

Пендаровски во посета на Грција, ќе се сретне со претседателката Сакеларопулу и премиерот Мицотакис

Атина. Photo by Cristian Bagnarello from Pexels

Претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски денеска ја започнува официјалната дводневна посета на Грција. Тој во Претседателската палата во Атина, ќе биде пречекан на официјална церемонија со државни и воени почести од претседателката Катерина Сакеларопулу, по што ќе се одржи тет-а-тет средба меѓу претседателот Пендаровски и претседателката Сакеларопулу и пленарен состанок на делегациите на двете држави.

Пендаровски во Атина ќе оствари средба и со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, а ќе се сретне и со градоначалникот на Атина, Костас Бакојанис, информираат од претседателскиот кабинет.

Во рамки на посетата, претседателот Пендаровски ќе положи венец пред Споменикот на незнајниот војник на платото пред Парламентот, ќе го посети музејот Бенаки, каде што е предвидено разгледување на архивата на Константинос Доксијадис и ќе оствари средба со амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Грција, Џефри Пјат.

За време на посетата, претседателот Пендаровски ќе биде придружуван од сопругата, Елизабета Ѓоргиевска, која што во рамки на дамската програма, ќе ја посети Националната галерија во Атина, во придружба на Лина Мендони, министерка за култура и спорт на Хеленската Република.

Официјалната посета на претседателот Пендаровски на Хеленската Република претставува прва историска посета што ќе се реализира на највисоко ниво меѓу двете држави.