Главна секција Пендаровски со осуда за руските воени дејствија, свикан Совет за безбедност

Пендаровски со осуда за руските воени дејствија, свикан Совет за безбедност

Фото: Кабинет на претседателот Пендаровски

По утринските напади со кои Русија ја започна воената инвазија на Украина претседателот Стево Пендаровски во име на граѓаните на Северна Македонија изрази осуда.

„Изразувам силна осуда за воените дејствија кои Русија ги презема над Украина, што неизбежно ќе водат кон ненадоместлива загуба на човечки животи и материјална штета. Инвазијата на Украина од страна на Русија е напад на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, сериозна повреда на основните принципи на меѓународното право, удар врз демократскиот поредок и закана за стабилноста на Европа“, соопшти претседателот.

Тој исто така рече дека како НАТО членка, се приклучуваме кон повикот на Алијансата насочен кон Русија за прекин на воените дејствија на територијата на Украина.

„Во име на граѓаните на Северна Македонија, изразувам солидарност со украинскиот народ во овие тешки времиња“, нагласи претседателот.

Пендаровски денес свика и седница на Советот за безбедност на која ќе се дискутира за руската агресија врз Украина.

Седницата ќе се одржи во Кабинетот на претседателот со почеток во 14:00 часот по што во јавноста ќе бидат соопштени заклучоците.