Главна секција Партиите постигнале договор за избори на 5 јуни – Собранието се распушта...

Партиите постигнале договор за избори на 5 јуни – Собранието се распушта на 7 април

Собранието на Република Македонија вечерва на вонредна пленарна седница ќе расправа за повлекување на одлуката за самораспуштање.

Во предлог-одлуката за измена на одлуката за распуштање на собранието, потпишана и предложена од 27 пратеници се наведува:

„Со оглед на тоа што не е постигнат договор за одржување на предвремените парламентарни избори за пратеници на 24 април 2016 година, се предлага пролонгирање на датумот за распуштање на Собранието на Република Македонија за 7 април 2016 година, односно 60 дена пред датумот на одржување на предвремените избори за пратеници во Република Македонија“.

Политичките партии успеале да постигнат договор предвремените парламентарни избори да се одржат на 5 јуни.

По неколкучасовните разговори, опозициската СДСМ наводно се согласила изборите да се одржат на 5 јуни, а ВМРО-ДПМНЕ наводно ќе го прифати предлогот на белгискиот олеснувач Питер Ванхауте за законот за медиуми.

По средбата со европратениците Иво Вајгл, Едвард Кукан и Ричард Ховит, како и по средбата со американскиот амбасадор Џес Бејли, во штабот на ВМРО-ДПМНЕ пристигнале поранешната министерка Гордана Јанкулоска, Антонио Милошоски и градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.