Свет Европа Папата ги повика сите европски парохии да згрижат по едно мигрантско семејство

Папата ги повика сите европски парохии да згрижат по едно мигрантско семејство

Папата Франциск денеска од плоштадот Свети Петар во Ватикан упати повик до сите европски парохии и верски заедници да прифатат по едно мигрантско семејство, како знак на солидарност кон огромниот број бегалци кои преку Балканот, Средноземно Mоре, Италија и Грција доаѓаат во Европа, бегајќи од ужасот на војните на Блискиот Исток, јавуваат светските агенции.

Повикот на врховниот водач на католиците, кој и самиот е внук на италијански емигрант во Аргентина, бил поздравен со аплауз од толпата верници кои денеска се собрале на плоштадот Свети Петар.

„Упатувам апел до парохиите, верските заедници, манастирите и до светилиштата во цела Европа да згрижат по едно бегалско семејство“, рекол папата Франциск.

Како што јавуваат агенциите, двете парохии во папската држава Ватикан ќе бидат првите што ќе згрижат бегалци.

Само во Италија има околу 25.000 парохии и уште 12.000 во Германија, земја која е крајна дестинација за најголем број од бегалците кои бараат азил.