Дописници Отсега и Јапонците во балканската туристичка тура

Отсега и Јапонците во балканската туристичка тура

Агенцијата за промоција и за поддршка на туризмот на Република Македонија и ЏИКА – Јапонската агенција за меѓународна соработка, потпишаа меморандум за соработка, со кој нашата земја, заедно со Албанија, Србија, Црна Гора и со Босна и Херцеговина, ќе го промовираат Балканот во Јапонија.

Тоа значи дека отсега и Јапонците ќе бидат дел од таканаречената балканската туристичка тура, во која се вклучени Скопје и Охрид. Преку оваа тура изминативе години низ нашата земја поминаа бројни туристи од Кина, Јужна Кореја и од други земји на Далечниот Исток.

Меморандумот е потпишан во Берлин, во рамките на еден од најголемите туристички саеми на светот, кој завршува денеска. На саемот беше претставен и Охрид, заедно со другите места во Македонија, додека акцентот на промотивните активности беше ставен на активниот туризам, како и на културните и на природните туристички знаменитости на Македонија.