Македонија Остри први реакции: Понижувачки се новите владини мерки во образованието

Остри први реакции: Понижувачки се новите владини мерки во образованието

Професорите остро реагираат на новите предлог-законски решенија што Владата ги донесе на вчерашната седница. Велат дека со новите мерки, власта само ја понижува академската јавност и дека народот мора да излезе и да се побуни затоа што водат кон распродавање на државата.

Професорот Љубомир Цуцуловски вели дека овие промени за него биле очекувани, особено затоа што универзитетие долго време молчеле и ја веднеле главата.

– Кога некој молчи, како универзитетските професори досега, тогаш секоја власт сè повеќе и повеќе, добива сила. И во оваа смисла, овие мерки беа очекувани. Тие се застрашувачки бидејќи според нив, колку што успеав да разберам од медиумите, се предвидува странци, односно граѓани на други држави да бидат декани и ректори на нашите универзитети. Тоа значи, од една страна, целосно обезличување на Македонија, на нејзиниот народ и на нејзината интелигенција, а од друга страна, тоа имплицира дека можеби треба да увеземе и странски министри, пратеници и, ако треба, и странски регент. Така, Македонија целосно ќе ја снема како резултат на мудрата политика – вели Цуцуловски.

Според него, на овие мерки не треба да реагираат само студентите.

– На овие мерки треба да реагира целиот народ, бидејќи, нагласувам уште еднаш, ова е целосна распродажба на Македонија – вели тој.

Професорката Билјана Ванковска смета дека ова е една крајно понижувачка ситуација и оти е бесмислено да се верува дека Владата ќе почитува некакви принципи за отворена јавна дебата за закнските измени.

– Во време кога на универзитетите и на деканатите се води расправа, т.е. изјаснување за т.н. концепт на министерот Адеми (од 5.12.2014), ни стаса веста дека на владина седница се донесени одлуки и предлог за менување на законот за високо образование. Не само што ние сега се наоѓаме во една крајно понижувачка ситуација, туку е веќе бесмислено и да се верува дека Владата ќе почитува некакви принципи за отворена јавна дебата за законските измени. Да сум јас ректор, веднаш би свикала прес-конференција и би ја изразила својата индигнација со ваквиот недемократски потег на власта, кој е манифестација на ароганцијата што ја носи моќта – вели професорката Ванковска, која е еден од најголемите поддржувачи на студентите во нивната борба против државниот испит.

Таа вели дека начинот на постапување и брзината со која се наметнуваат мерките зборува за страв дека академската заедница може да се разбуди.

– Да не е трагично, би било смешно, ама една од мерките е академија за наставници. Тоа се сведува на она што веќе го нареков држава-универзитет. Кога на ова ќе му го додадете и државниот испит, се поставува логично прашање: колку, всушност, државни испити, проверки и обуки ќе имаат студентите пред да можат да се сметаат за дипломирани и за оспособени кадри. Болоњскиот процес не може да се смени по сила на државна волја – кога ние баравме ревидирање, таму владееше молк – објасни професорката.

Ванковска вели дека со ширењето на концептот на реформи (во пакет мерки) се замаглува целата битка и се прави сè таа да изгледа бесмислена, бидејќи во море од мерки, ќе се оди на тоа да се делегитимира ставот на студентите за државниот испит и истите да се прикажат како мрзеливи млади луѓе кои не сакаат знаење .

– За жал, наместо наставниците, односно раководствата на универзитетите да ја предводат оваа дебата, ние оставивме студентите да нè разбудат, да нè изведат на протести, па дури и да ни организираат трибина. Сега е ред на професорите, ако се професори! Тие мораат да се наметнат како чинител во оваа реформа, ама не како декор и како послушни пиуни, туку како претставници на колективниот ум на оваа нација. Ако не го сторат тоа, младите ќе ги паметат како капитуланти – вели Ванковска.

Стефан Видиков од „Студентски пленум“ изјави дека сè уште не можат да дадат конкретна оцена за овие мерки.

– Сега имаме вонреден состанок на кој со нашиот правен тим ќе разговараме за овие мерки. Не би било фер да ги коментираме кога сè уште не сме ги разгледале целосно – рече Видиков.

А.Д.Г.