fbpx

Владата усвои предлог-закони за образованието, СДСМ обвини за „насилство“

-

Министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми, и неговиот заменик Спиро Ристовски денеска на прес-конференција информираа дека синоќа на владина седница биле усвоени неколку нови предлог-законски решенија за високото образование, а меѓу нив и предлогот за воведување државен испит.

Како што информираа министерот и неговиот заменик, станува збор за пакет од пет предлог-законски решенија.

Опозицискиот СДСМ со соопштение овој потег на Владата го оцени како „насилство на незрела и егоистична власт“.

За воведувањето државен испит, предлог кој предзвика најголем интерес во јавноста и беше директен повод за студентските протести, првите луѓе во ресорот образование велат дека се носи за да се зголеми квалитетот на високото образование.

– Како Влада, цврсто сме убедени дека државниот испит ќе придонесе за унапредување на квалитетот на високообразовниот систем. Тоа е единствената причина за негово воведување. Сите останати тези, од типот дека со државниот испит се нарушува автономијата на универзитетите, дека државата сака да ги контролира професорите, да им наштети на студентите, да заработи на нивна сметка и слично, се само мит фабрикуван од одредени политички структури – изјави Адеми.

Неговиот заминик, Спиро Ристовски, изјави дека се свесни дека овие решенија на краток рок ќе им донесат негативни политички поени, што за нив не било најбитно, туку резултатите што на долг рок ќе се постигнат со овие реформи.

Еден од предложените закони предвидува основање академија за наставници, која ќе функционира по принципот на веќе постојната Академија за судии и јавни обвинители, чија цел ќе биде стручно усовршување на студентите кои доаѓаат од наставничките факултети.

– Предлог-законот ќе се однесува за студентите кои допрва ќе се запишуваат на педагошките факултети. Но, тој предвидува и стимулативна компонента за наставниците кои се веќе во работен однос и не се лиценцирани. Доколку се пријават во академијата за наставници, се обучат и се лиценцираат, месечната плата ќе им биде зголемена за 3.000 денари – посочи министерот.

Програмата за обука, според законот, ќе ја подготвува и спроведува посебен стручен орган на академијата, програмски совет, во кој меѓу другите ќе членувале и наставници од првите 50 највисоко рангирани универзитети во светот, во согласност со Шангајската листа.

Други новини што вчера биле усвоени од Владата се и нов закон за наставници во основните и во средните училишта, кој предвидува детална спецификација на условите за вршење на професијата наставник, на условите за засновање на работниот однос, дефинирање на категориите на наставници и на нивните работни задачи, како и нивно континуирано стручно усовршување и напредок во кариерата.

Третиот предлог-закон се однесува на изменување и на дополнување на Законот за високото образование, кој покрај воведувањето државен испит, предвидува редефинирање на Болоњскиот систем, воведување задолжителен устен испит, покрај писмениот, и пропишува само првите пет рангирани универзитети да можат да организираат докторски студии.

Со едно од новите законски решенија се планираат и построги критериуми за упис на педагошките факултети.

Петтиот предлог-закон е за обука и за испит на директори за основно училиште, средно училиште, ученички дом и за отворен граѓански универзитет за доживотно учење.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Гореле диви депонии во Желино и Боговиње

Две диви депонии синоќа гореле во Полошкиот регион. Според информациите од Центарот за управување со кризи се случиле два пожари на отворен простор во последното деноноќие, во атарот на...