Македонија Османи – Хан: Македонија ќе успее да ја оствари Агендата 2025 на...

Османи – Хан: Македонија ќе успее да ја оствари Агендата 2025 на ЕК

Македонија успешно ќе се приклучи на стратегијата на Комисијата за проширување со земјите од Западниот Балкан и ќе успее да ја оствари Агендата 2025, му порачал вицепремиерот Бујар Османи на еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан на нивната денешна средба во Брисел, соопшти Секретаријатот за европски прашања.

– Планот 18 е веќе усвоен на Влада и неговата имплементација, сега за сега, се одвива непречено. Очекувам навреме да бидат адресирани сите клучни области и да се создадат услови за конфирмација на одлуката за почеток на преговорите. Собранието го даде првото зелено светло за уставните измени согласно договорот од Преспа, со што, не само што се отвори патот за имплементација на обврските од Договорот, туку се создадоа услови и за забрзување на реформскиот процес на земјата согласно заклучоците на Европскиот совет од јуни – рекол Османи на средбата.

Тој нагласил дека односите меѓу Македонија и Грција се унапредуваат со забрзано темпо, потсетувајќи на обновата на авионските летови меѓу Атина и Скопје, по пауза од 10 години.

Османи го информирал Хан и за напредокот во подготовката на преговарачката структура за почеток на преговорите, нагласувајќи дека Владата работи на тоа да го вклучи во процесот и граѓанскиот сектор и академската заедница.