Македонија Орав твитна: Утре е последна шанса партиите да постигнат договор

Орав твитна: Утре е последна шанса партиите да постигнат договор

Евроамбасадорот Аиво Орав, преку својот официјален твитер-профил, им порача на политичките партии дека утре заедно со европратениците Ричард Ховит, Иво Вајгл и Едвард Кукан треба да постигнат конечно решение за предвремените парламентарни избори.

„Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ разговараа за ситуацијата. Партиите треба да најдат решение; утре е последна шанса со европратениците Вајгл, Ховит и Кукан“, твитна Орав.

Орав, инаку, последната недела е во Брисел и како што се дознава, во Скопје се враќа за две недели.

Европратениците Вајгл, Ховит и Кукан вечерва ќе допатуваат во Скопје и ќе се обидат да ги приближат ставовите меѓу владејачката партија и опозицијата за датумот на изборите.

Посетата доаѓа два дена откако ЕУ и САД оценија дека засега не се создадени услови за одржување избори на 24 април и по ставот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека нема да учествува на преговори на кои ќе посредува белгискиот експерт Питер Ванхауте.

ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со став дека меѓународните претставници не понудиле цврсти докази дека нема услови за избори во април.