Главна секција Оптимисти сме за името, но не сме сигурни во целосната искреност на...

Оптимисти сме за името, но не сме сигурни во целосната искреност на Грција во спорот

Македонските власти не се целосно сигурни колку Грција е искрено целосно отворена за решавањето на спорот за името, велат дипломатски извори, кои побараа да останат анонимни. Според нив, засега врз ниту една од страните не се врши притисок од надвор, но не се исклучува можноста доколку преговорите напреднат да се зголеми притисокот врз двете страни, па дури и да се вклучат и други посредници.

Според истите извори, во досегашните грчко-македонски средби, вклучувајќи ја и последната средба на преговарачите на Македонија и на Грција со медијаторот Метју Нимиц не се разговарало за можни предлози за името, но веројатно тоа ќе биде направено на некоја од средбите во јануари, февруари и март.

Решавањето на спорот е можен само доколку и двете страни направат отстапки од досегашните позиции. Македонските власти се претпазливо внимателни во преговорите, велат изворите, кои не ја исклучуваат можноста Владата да направи промена на името на аеродромот „Александар Велики“, но веројатно ќе бара и Грција да покаже на дело дека е подготвенa за решавање на спорот.

Дипломатските извори сепак наведуваат дека со актуелната политичка состојба, дури и преговарачот Нимиц да даде прифатлив предлог, мала е веројатноста дека Владата ќе успее да постигне национален консензус, особено ако не се смени сегашниот наратив дека новата Влада е поставена за да ги продаде националните интереси. Изворот наведува дека и во Грција потребно е да се смени наративот, имајќи предвид дека грчката јавност има големо влијание и оти можни се нови избори во зависност од справувањето со економската криза.

Во однос на евроинтеграциите, Македонија, како што и претходно беше соопштено, ќе се најде во Стратегијата за европските перспективи на Западен Балкан, а не се исклучува и можноста препораката за почеток на преговорите со ЕУ да биде дадена и пред април, кога Европската комисија го има редовниот извештај за прогресот за земјите-кандидатки. Сепак, проблем претставува бојкотот на опозицијата, која соопшти дека нема да учествува во работата на носењето на реформските закони.

Дел од земјите-членки на НАТО целосно го поддржуваат приемот на Македонија во Северноатлантската алијанса и веруваат дека најавените реформи ќе се спроведат, но дел се резервирани и сакаат да видат дали „реформскиот бран“ ќе потрае.