Економија Општина Штип доби готови проекти за изработка на секундарна гасификациона мрежа

Општина Штип доби готови проекти за изработка на секундарна гасификациона мрежа

Општина Штип денеска доби готови проекти за изработка на секундарна гасификациона мрежа по што останува уште одобрението за градба, информираат од општината.

„Станува збор за три проекти, основен, идеен и инфраструктурен проект и со ова сме чекор поблиску до остварување на онаа желба на граѓаните на Штип, за гасификација на градот. Граѓаните на Општина Штип ќе имаат голем бенефит од гасифицирање на градот, а овој проект ќе се реализира во соработка со Министерство за транспорт и врски. Овие три проекти чинеа околу 2,6 милиони денари,“ истакна в.д. градоначалникот Јане Миланов.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски истакна дека државата ќе има концесионер кој што ќе влезе и ќе ги гасифицира сите градови.

„Таа постапка паралелно е во тек преку Министерство за економија и очекувањата се дека, првиот квартал од 2021 ќе имаме информација кој ќе биде приватниот партнер преку процесот на Јавно приватно партнерство. Драго ми е што Општина Штип е подготвена општина,“ истакна Бочварски.

Инаку, Битола, Прилеп, Крива Паланка и Штип се општините кои имаат техничка документација и може да почнe изградбата на секдундарната гасоводна мрежа.

Владата на 24. седница донесе Одлука за избор на кандидатите „Акса Догалгас Дагити А.С.“ од Република Турција и „Палмет Енерџи Аноним Ширкети“ исто така од Турција, согласно која, од овие компании ќе се достави покана за учество во втората фаза на конкурентен дијалог, односно за учество во тендерската постапка до конечен избор на компанија со која ќе се воспостави јавно приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас во Република Северна Македонија.