Македонија ОЈО Скопје поднесе обвинение против лицето што ја нападна новинарската екипа на...

ОЈО Скопје поднесе обвинение против лицето што ја нападна новинарската екипа на ТВ 24

Фото: Архива на Мета

По спроведена претходна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог за кривичното дело „насилство“ од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.

„Обвинетиот 67-годишник, на 14 ноември, со грубо навредување и со грубо насилство ја загрозил сигурноста на телевизиска екипа која снимала прилог во близина на неговиот дом. Тој најпрвин вербално, а потоа и физички го нападнал снимателот, удирајќи го со десниот лакт кон левата долна вилица и нанесувајќи му телесна повреда  – набиеница. Кај присутните сведоци на настанот – новинар и возач на телевизиската екипа, обвинетиот предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв“, се наведува во соопштението на Обвинителството.

Со обвинителниот предлог, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и посебен предлог за продолжување на мерката куќен притвор за обвинетиот, бидејќи се уште постојат основите поради кои таа првично му беше определена.

Инаку, на 14 ноември околу 14:20 часот во скопската населба Пржино беше нападнат снимателот во телевизија 24 Љубиша Игнатов од страна на М.П. (67), при снимање инсерти на куќата во која според избирачки список живее украинецот Олександр Онишченко, кој годинава доби македонско државјанство.

Веднаш по нападот, реагираше Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) кое побара од Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и ефикасна истрага за напад кон екипата од ТВ 24.