Фото: Здружение на новинари на Македонија

Полициски службеници од Единицата за насилен криминал при СВР Скопје вчера вечер го лишија од слобода М.П. (67) од Скопје, постапувајќи по пријава од снимателот во телевизија 24 Љубиша Игнатов, кој вчера беше физички нападнат од него околу 14.20 часот на ул. Пржино во Скопје.

„Веднаш по добиената пријава, од страна на полициски службеници од ЕНК при СВР Скопје преземени се мерки и активности и напаѓачот е лишен од слобода и задржан во полициска станица за понатамошна постапка. За настанот е известен Јавен обвинител од ОЈО Скопје, а по извршената консултација и добиените насоки од јавен обвинител, против М.П: ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка за кривично дело „Насилство“ по чл. 386 од КЗ“, информираат од ЗНМ.

Од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) побараа од Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и ефикасна истрага за напад кон екипата од ТВ 24. Новинарската екипа била нападната најпрво вербално, а потоа и физички за време на снимање на инсерти за видеоприлог за потребите на телевизијата.

Од ЗНМ информираат дека нападот се случил додека снимале инсерти на улицата, во која според избирачки список живее Олександр Онишченко.

„ЗНМ веднаш контактираше и со Скопското јавно обвинителство со обвинителката Искра Хаџи Василева која е назначена за предмети поврзани со напади врз медиумски работници за понатамошно процесирање на случајот. ЗНМ ќе ја следи истрагата и ќе инсистира на одговорност од страна на лицето кое физички го нападнал колегата снимател Игнатов и го спречил физички да ја изврши својата работа“, велат од ЗНМ.

Од ЗНМ потенцираат дека заканите по живот се кривични дела предвидени во Кривичниот законик а МВР и ОЈО треба итно да ги истражат и процесираат, со цел да ги казнат оние кои го прекршуваат законот, но и да превенираат евентуални вакви кривични дела во иднина.